Вирусот не е шега и нема да замине додека не прифатиме дека е закана за секој кој не ги почитува мерките. И после 100 oдржани прес-конференции и повторени апели и пораки, еден дел од граѓаните одбива да ја прифати реалноста дека вирусот е сериозна закана, истакна пред малку на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче кој информираше за новите рестриктивни мерки што ќе важат во претстојниот продолжен викенд.

Advertisements

На прашањето зошто се воведува целосен карантин само за одредени општини, министерот рече дека тоа зависи од тоа колку се почитуваат мерките, па таму каде што имало непочитување, одлучиле да има дополнителни рестрикции. Новиот број на заболени, вели тој, е резултат на кршење на мерките за лична заштита, но и на семејни собири.

„Ова е доказ дека во рамките на овие реони, каде што се детектирани нови случаи, не се почитувани мерките. Оваа рестрикција на движењето ќе помогне во идентификација на контактите, ставање во изолација и тестирање за да се спречи трансмисија. Близу 90 од овие случаи се од семејни настани од изминатите 10-ина дена. Ова е дополнителна мерка за да се елиминира ширењето на вирусот“, рече Филипче.

Advertisements

Филипче посочи дека од понеделник ќе се одлучува дали ќе продолжи полицискиот час, а тоа вели дека ќе зависи од развојот на епидемијата.

„Ова засега е мерка само за овој викенд, нови одлуки ќе носиме в понеделник, во зависност од тоа каква ќе биде ситуацијата со новодијагностицирани пациенти. Имаме некое предвидување за следните денови, но за тоа ќе носиме одлуки во понеделник“, изјави Филипче.

Тој апелираше граѓаните да ги почитуваат мерките, а институциите да вршат поголема контрола.

Advertisements

„Се надевам дека на сите ќе ни стане јасно дека вирусот не е шега. Нема да замине додека сите не прифатиме дека е закана за сите. И по сто прес-конференции еден дел од граѓаните одбиваат да ја прифатат реалноста. Не треба да дозволиме, откако ќе се разболеме, да сфатиме колку е вирусот опасен. Верувам дека враќањето на рестрикциите на никој не му паѓа лесно, дека се чувствувате обесправени бидејќи најголем дел ги почитуваат мерките, но имаме обврска да направиме се за заштита на јавното здравје и здравствениот систем. И тоа ќе го правиме додека не излеземе како победници“, рече Филипче.

Advertisements
Advertisements