Бил Гејтс во средата за Бизнис инсајдер рече дека му е тешко да ги демантира теориите на заговор за вакцинирањето што се однесуваат на него затоа што се „толку глупави“. Во последно време се разжестија теориите дека овој милијардер и филантроп, кој инаку дава огромни суми пари за хуманитарни цели и директно спасува милиони животи на планетава, со помош на вакцините се обидува да инсталира микрочипови за следење на луѓето.

„Никогаш не сум се занимавал со ниеден вид микрочипирање. Скоро е невозможно да се коментираат овие работи затоа што се толку глупави или чудни“, рече тој.

Advertisements

Гејтс со години зборуваше за опасностите од пандемија и ги предупредуваше светските лидери, меѓу кои и Доналд Трамп во 2016 година, кого го советуваше да преземе посилни подготовки за вакво можно сценарио. Една година порано тој го одржа и познатиот ТЕД-говор во кој предупреди за потенцијално огромен број смртни случаи што може да бидат резултат на некоја пандемија.

Наведувајќи го тој говор и фактот дека фондацијата „Бил и Мелинда“ инвестирала 300 милиони американски долари во борбата против ковид-19, некои десничарски групи во јануари почнаа да шират дезинформации на интернет дека Гејтс стои зад создавањето на вирусот и дека сака да профитира од него.

Advertisements

„Добро е ако знаеме кои деца се вакцинирани против сипаници и кои не се“, рече Гејтс, додавајќи дека треба да се воспостават системи за здравствени податоци за да им помогнат на здравствените работници да откријат кој е имунизиран. Но тоа нема врска со никакво микрочипување, рече тој.

„Нашата фондација дава пари за вакцини. Затоа можевме да го видиме ризикот од пандемија и да зборуваме за него“, рече тој.

Скоро третина од луѓето веруваат во теориите на заговор за вакцинирањето

Сепак, теориите на заговор за поврзаноста помеѓу коронавирусот и Гејтс се разгореа на социјалните мрежи и на телевизијата. Беа споменати 1,2 милион пати од февруари до април, објави Њујорк тајмс. Покрај тоа, истражувањето спроведено од Јаху њуз и ЈуГов кон крајот на мај откри дека 28 проценти од испитаниците сметаат дека овие теории на заговор се точни. 44% од републиканците и 50% од луѓето што гледаат Фокс њуз веруваат дека овие теории се вистинити. Од друга страна, 61 процент од луѓето што гледаат МСНБЦ сметаат дека тие теории се лажни.

Advertisements

Запрашан да ги коментира овие истражувања, Гејтс вели дека тоа е „по малку загрижувачко“, но додаде дека „тоа не ги спречи владите и други групи низ светот да финансираат истражување за развој на вакцина против ковид-19“. Но тој изрази загриженост дека откако ќе се открие вакцината, ставовите против вакцинирањето може да го отежнат развојот на групниот имунитет.

Гејтс додаде и дека вакцината, кога ќе биде подготвена за производство, најпрво треба да се дистрибуира во земјите со послаб здравствен систем и таму каде што е потешко да се постигне потребното физичко растојание.

Патем, Фондацијата Гејтс во четвртокот објави дека му донирала дополнителни 1,6 милијарди американски долари во текот на следните пет години на Гави – сојузот за вакцини, со цел да ги имунизира децата во сиромашните земји.

„Светот треба да работи заедно за да развие безбедна и ефикасна вакцина“, рече Гејтс, додавајќи дека производството мора најпрво ќе достигне до оние на кои им е најпотребно, а не до оние што можат да платат повеќе.

Advertisements
Advertisements